Откако поминавме низ неколку посложени размислувања во однос на постанокот на материјата и на животот, и всушност на сѐ што настана, и откако го читавме тврдењето на Јован дека сѐ тоа настанало преку „Зборот“ кој бил во почетокот, кој бил со Бог и кој бил Бог, сега е време да се прашаме кој или што е оној „Зборот“.
Кој е тој кој бил одговорен за толку огромни и чудесни нешта како вселената со сите нејзини милијарди галаксии и сите тајни кои уште се кријат во огромните пространства, но кој истовремено бил одговорен и за убавата мала бубамара која ја наоѓаме на некое цвеќе во дворот? Тогаш кој е тој кој е одговорен и за твоето постоење?
Јован, одговорот на тоа прашање намерно уште го одложува за неколку реченици во својот текст, но ние не сакаме веќе да бидеме во неизвесност па ќе скокнеме напред, и ќе го најдеме одговорот во глава 1 стих 14: „И Зборот стана тело и престојуваше помеѓу нас… “. „Зборот“ стана тело, т.е. стана човек, и живееше меѓу нас. Живееше меѓу нас – постоеше можност и време да се запознаеш лично со Него.
А потоа, во стих 17, Јован ни кажува како се викаше „Зборот“ додека живееше помеѓу нас, како еден од нас: „Исус Христос“. Да, „Зборот“, Создателот, се вика Исус Христос.
Што значи тоа за нашето разбирање за историската личност Исус Христос, која живееше во денешниот Израел во првата третина на првиот век – после Христос? Најважното во однос на Него не е долгата коса, брадата, долгата облека и сандалките. Не, најважното во однос на Него е што преку Него и за Него е сѐ создадено. За Него лази црвот и за Него летаат птиците. За него дува ветерот и за Него гори нуклеарниот оган на ѕвездите. За Него се вртат галаксиите, летаат кометите и тече времето. За Него си создаден и ти.
Дали си многу паметен и знаеш многу? Тој го измисли мозокот. Дали си физичар и ја разбираш квантната механика и што е гравитацијата? Тој ги измисли. Дали си биолог и ги истражуваш тајните на живите суштества? Тој ги измисли и ги создаде. Дали си уметник и создаваш ремек дела? Тој е најголем од сите уметници – гледај го созданието околу тебе, гледај ги убавината и естетиката на светот околу тебе. Дали си психолог и разбираш нешто за човекот? Тој разбира сѐ за човекот и знае што е во тебе, и знае точно кој си ти и што те мачи. Дали си лекар и лечиш болни луѓе? Исус воскресна од мртвите. Нему не можеш ништо да Му кажеш, што Тој не го знае. Колку далеку и да напредува човечкото учење, разбирање и способност, Исус веќе одамна е таму.
Јован, авторот на ова Евангелие, поминал три и пол години со Него и се запознал сѐ подобро со Него и подоцна го нарекува Исус „Зборот на животот“ (1.Јованово Послание 1,1) – Зборот Кој, како што создал сѐ и на сѐ му дал биолошки живот, така им дава и нов и вечен живот на оние кои Му се доверуваат. А понатаму Јован вели дека Исус е „Вистинскиот Бог и вечниот живот.“ (1.Јованово Послание 5,20). Јован сфати кој е Исус.
Ти предлагам да поминеш време во Евангелието според Јован, со цел и ти да се запознаеш со „Зборот“, Кој сакаше да постоиш ти и Кој те создал, Исус Христос, и Кој станал еден од нас, и поминал 33 години помеѓу нас, за да би можеле да Го разбереме Бог и Неговиот план за нашето лично спасение.