Сведокот кого мора да го слушаш

Се јави човек, испратен од Бог, по име Јован. Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше Светлината, туку да сведочи за Светлината.

Јован 1:6-8


„Дали можеш да ми препорачаш добар заболекар?“ Прашање на еден мој пријател од Грција. Сакаше да си ги прави забите во Битола.

Понекогаш ни треба препорака, сведоштво на некого, за да можеме да донесиме одлука, за да можеме да се довериме – на пример на заболекар. Не сакаш некој шарлатан да ти ги земе парите, а да остави скршеници, болки, маки. Бараш сведоштво а потоа одлучуваш кому ќе му се довериш.

На ист начин постапуваше Бог. Тој испрати сведок, не за прашањето кој може да лечи физички привремени болести, туку за прашањето кој е единствениот Спасител од твојата изгубеност, кој може да ја спаси твојата вечна душа. Бог знае, дека ни треба таква помош за да можеме да донесиме одлука да Му се довериме на тој Спасител.

Таков сведок во историјата на израелскиот народ беше Јован Крстителот. Тој беше од Бог испратен, за да сведочи, за да веруваат сите во Светлината – Исус, кој требаше да дојде.
Интересно, зар не? Бог не очекува слепа вера. Бог не смета дека се раѓаме како верници. Ни треба сведоштво, слушање, информација, податоци, потврдување, убедување, за да можеме да имаме доверба.

Од тоа излегува нешто многу важно. Верата која спасува не е традиционален систем на адети, празници и религиозни постапки, кои ги наследуваш од предците, претежно бабите. Не, верата која Бог ја признава е лична доверба во Бог и во Спасителот кого Бог го испрати. Верата е производ на Божјото зборување со тебе, на кое ти одговараш со доверба. Го сметаш Бог како доверлив, го прифаќаш Неговото сведочење. Апостолот Павле вели: „И така верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Христовото слово.“

Според тоа имам едно важно прашање за тебе: Дали си Христијанин? Да? Каков вид на Христијанин си? Христијанин од раѓање, христијанин преку крштавање како бебе? Пред Бог, во Божјите очи, таков Христијанин не постои. Кај Него постојат изгубени луѓе грешници, кои го слушале Неговото сведоштво за Исус Христос, Му верувале, и се обратиле кон Исус. Тоа е единствениот вид на Христијанин кого Бог го познава. Затоа Тој, непосредно пред излегувањето на Исус пред јавноста, го испрати Јован, за да им зборува и сведочи на луѓето, за да можат да веруваат во Оној Кој ќе дојде по него.

Каде ќе го најдеш денес Божјото сведоштво за Исус? Во Светото Писмо. Тоа е единствениот 100% точен и безгрешен сведок за сите прашања во однос на Бог.

Светото Писмо има едно главно и најважно сведоштво: само Исус Христос – и никој друг – е од Бог пратениот Спасител за изгубени луѓе како мене и тебе. Тоа сведоштво содржи многу податоци за тоа Кој е Исус, што се Неговите своевидни квалификации да биде Спасител и Судија. Тоа содржи голем број исполнети пророштва – детали за животот, смртта и воскреснувањето на Исус, кои се претскажани стотици години пред Неговото раѓање. Бог сведочеше за Него , го најавуваше, од стари времиња. Светото Писмо содржи извештаи на очевидци и познаници на Исус, и личните искуства на изгубени луѓе кој доживеаја како довербата во Исус и обраќањето кон Него ги спаси, и им даде прошка на гревовите, нов живот, нова радост и смисла.
Сведокот зборува, Слушај го!