„И светлината (Исус) свети во темнината и темнината не ја прифати“ – Јован 1,5
„Беше (Исус) во светот и светот стана преку Него, а светот не Го позна“ – Јован 1,10
„Дојде (Исус) при Своите, но Неговите не го примија“ – Јован 1,11
„А на оние кои Го примија, … – Јован 1,12
3:1 – резултатот изгледа прилично јасен. Мнозинството е во право, нели, и тоа значи дека тврдењето на Исус Христос, дека Тој бил наш Бог и Создател и Спасител, не е вистина, и со право треба да биде отфрлено. „Во право сме што живееме како живееме и што правиме што правиме, со право Го занемаруваме Исус и Неговите зборови, добро е што не се занесуваме, добро е што не ни е гајле.“
Но Апостолот Јован тука зборува за трагичноста на тој став. Тој во своето Евангелие ја опишува трагедијата што напротив сите јасни факти и историски вистини, мнозинството знае да греши во својата одлука.
Три пати „Не“. Три пати се опишува обидот на Бог да ни се приближи, да ни се открие, да нѐ најде и да биде примен од нас, и три пати мора да се утврди дека ние, изгубените луѓе, не сакавме.
Колку близу и да ни дојде Бог – се роди како еден од нас – Исус Христос – и живееше помеѓу нас – колку и да се труди Тој да биде разбран од нас во Неговиот обид да нѐ најде за наше добро, се чини дека нашата внатрешна зафркнатост, расипаност, слепост, затемнетост, секогаш ќе успее да Го одбие.
Секогаш ќе најдеме некоја причина, некое оправдание за тоа одбивање, за тоа „не“. Тоа е нашата трагична изгубеност, нашето трагично несакање да бидеме најдени и спасени од Оној Кој дојде во светот да нѐ бара и да нѐ најде и да нѐ спаси. Ние, заробените, го сакаме нашиот затвор повеќе од слободата и од Оној Кој сака да нѐ ослободи.
Проблемот не е во тоа што нема докази или во тоа што Бог се крие и молчи – Тој тогаш беше и гледан и чуен. А исто така и денес кажи ми ги твоите аргументи, твоите дилеми, твоите прашања во однос на верата во Исус, и ќе ти кажам дека има солидни аргументи, разјаснувања, докази, податоци, кои можат да ти помогнат. Проблемот не е во тоа што не може да се знае, не, проблемот е во тоа дека ти не сакаш да знаеш. А на оној кој не сака, дури и најјасните докази или аргументи не можат да му помогнат.
Причините на современиците на Исус, да не веруваат во Него и покрај сите силни дела и чудеса кои ги видоа со сопствени очи, се анализирани и дискутирани во Евангелието според Јован понатаму. Само треба да читаш, а можеби ќе се најдеш таму и ти самиот.
3 пати „не“ а еднаш „да“: 3:1, а сепак 1 победува. Значи сега да одиме кај единицата која сепак победува:
„А на оние кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име. Кој се родија не од крв, ниту од волјата на телото, ниту од волјата на мажот, туку од Бог.“
Јован 1,12
Сепак, значи, и покрај тоа што Исус воглавно беше одбиен од поголемиот број на луѓето, се најдоа такви кои Го примија. Тие ги донесоа правилните заклучоци од она што го гледаа и што го слушаа. Тие гледаа силни дела: Исус исцелуваше болни, слепи, парализирани; работи кои се надвор од нормалните, природните доживувања и објаснувања. Гледаа како беа ослободени луѓе од ропството на демонски сили. Реалноста на тие настани им покажа дека тука, во оној човек Исус Христос, делува самиот Бог. Па исто така и слушаа зборови кои ветуваа прошка на гревовите и нов живот, па си рекоа: Оној ми треба мене, и она што го ветува Тој, ми треба мене. Па Го примија. Ги примија Неговите зборови, Му веруваа. Се обратија кон Него и доживеа „на своја кожа“ како Тој навистина го исполнува она што го вети: Се родија одново, од горе, од Бог, станаа нови луѓе.
Јован се труди да ја истакнува суштинската разлика на тој нов живот од нашиот биолошки живот, од она што веќе сме: „Не од крв, не од волјата на телото, не од волјата на мажот“. „Не ти зборувам за нашето биолошко раѓање“ вели тој, „не ти зборувам за раѓање кое настанува како резултат на некоја човечка страст или одлука да се има дете. Не, не тоа. Тоа е нешто што човекот не може да го направи дури и да сака и да се труди со сите сили. Тука се работи за едно духовно раѓање кое доаѓа од Бог, раѓање кое ќе те направи Божјо дете.“
Бог делува, Божјата сила делува во тебе па ќе станеш нов човек од внатре, со нов личен однос со Бог, со нова сила, нова смисла, нови ставови, нова радост, нова цел: Ново создание.
Како се добива тоа? Види во текстот: Тоа им се дава „ на оние кои Го примија (Исус) … „на оние кои веруваат во Неговото име.“
Во која група сакаш да си? Мнозинството – трагично – вели „не“ – и губи – засекогаш остануваат поробени во она што веќе се, тука нема нов живот ниту нов почеток, туку само исто па исто. Или дали сакаш да бидеш дел од оние – макар да се малцинство – кои Му велат „да“ на Исус, и добиваат нов почеток, и како Божји деца стануваат победници?“