Бидејќи информацијата во живите клетки е складирана со помош на молекули односно нуклеинските киселини, кои заедно ја обликуваат ДНК или РНК, научниците работат на тоа да разбeрат како можеле тие молекули да настанат случајно од поедноставни молекули во некоја прасупа. Мислат дека ако го имаат тоа покажано, тајната на постанокот на животот е решен, но тоа воопшто не е така.
За да објасниме одиме во друг пример: Рецепт за готвење напишан со пенкало на еден лист хартија.
Со помош на тој рецепт готвачот готви едно посебно вкусно јадење. Како настана тоа вкусно јадење? Можеби мислам дека одговорот ќе го добијам ако разберам како настанаа мастилото и хартијата, бидејќи рецептот е напишан со пенкало на хартија.
Ти сега мислиш дека сум бил идиот, и дека секој нормален човек знае дека рецептот настана од некој готвач кој го напиша. Да, ти така мислиш, но научниците не веруваат во готвачот и затоа мораат да најдат друго објаснување.
Значи ќе почнам да истражувам за да ги разберам природните процеси по кои би можело да настане мастило случајно, а истото го правам и со хартијата. Ако на крај успеав, и најдов начин како може да настане хартија – случајно, и како може да настане мастило – случајно, дали тогаш објаснив како настана рецептот или прекрасното јадење? Воопшто не. Само успеав да добијам теорија како можеби настанале средствата во кои се чува информацијата – рецептот. Но, тој рецепт настана во умот на некој генијален шеф со три мишелински ѕвезди по повод славење на роденден на неговата сакана сопруга.
Со истото мастило на истата хартија можат да се напишат најразлични содржини: рецепт, љубовно писмо, документ за развод, нотите на „Една мала ноќна музика“ на Моцарт. Суштинското прашање не е како настанаа хартијата и мастилото, туку кој ум, која личност ги употребува за да се чува или пренесе информацијата, и каква врска има тоа со мене?
Во однос на животот, крајниот производ на информацијата во моите клетки сум самиот јас – жив човек, жива личност. А сега суштинското прашање е: Кој беше тој ум, таа личност, која сакаше да постојам јас, како личност, и за тоа го напиша рецептот за мене со јазикот на нуклеинските киселини, кои се наоѓаат во клетките на моето тело? Кој е тој – не готвач, туку Создател, Кој сакаше и направи да постојам јас?