И Зборот стана тело и се настана помеѓу нас, и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото, полн со благодат и вистина. Јован 1,14
Бог, Создателот стана човек, стана еден од нас, живееше помеѓу нас. Јован уште се чуди. Човекот Кого тој го познаваше како Исус од Назарет, и со Кој тој помина повеќе од три години скоро ден и ноќ, толку близу, Тој беше и е Самиот Бог – Синот, Кој стана човек.
Јован знае зошто верува во Исус. Тој беше повеќегодишен очевидец. Има искуство од прва рака. Што вели тој? „Ја видовме Неговата слава“ вели тој. Да, еднаш Бог им покажа на Јован и на двајца негови пријатели Кој е Исус во суштина. Бог им го покажа понизниот и надворешно незабележливиот Исус во таа слава со која Тој еден ден ќе се врати на овој свет, за да владее со него.
Но Јован тука нагласува нешто друго: Исус бил „полн со благодат и вистина“.
„Полн со благодат и вистина.“ Благодат или милост значи дека Исус им даваше добри нешта на луѓето, кои тие не ги заслужиле, односно заслужиле казна наместо добро. Благодат или милост е секогаш незаслужена, нешто што не може да се заработи. Тоа е нешто што Бог го дава бидејќи Тој е таков – милостив. Кога Бог станал човек и се настанал помеѓу нас, Тој постапувал вака кон расипаните и виновните грешници околу Него. Благодат е нешто што и тебе, ти е потребно многу.
Зошто? Вистината.
„Полн со благодат и вистина.“ Кај Исус немаше лага. Toj секогаш беше апсолутно вистинит и искрен. Тој рече: „Јас сум вистината“. Исус не поднесуваше религиозно лицемерие, лажни фасади. Тој беше најреален, Тој беше вистината, и во Неговото присуство лицемерието, глумата, расипаноста и злобата не можеа веќе да се скријат.
Преку дружење со Исус, многу луѓе ја разбрале вистината во однос на самите себеси: „Тргни се од мене, бидејќи сум грешен човек“, рекол Петар, идниот апостол.
Истата вистина важи и за мене и за тебе. Вистина е дека и ние сме грешни луѓе, сите до последниот, без исклучок. Вистината дека сме виновни пред Бог, дека сме расипани, не ја сакаме. Таа боли, таа ни смета, можеби се плашиме да ја признаеме. Можеби стигнавме до голема вештина во тоа да ја криеме. Но таа сепак е факт. Вистината конечно не може да се избегне. Најдоцна пред Божјиот суд таа ќе нѐ стигне. Вистина е дека еден ден, Бог ќе ни суди.
Сфати ја таа вистина како потребна, правилна дијагноза за твојата духовна состојба пред Бог: виновен. Но, по дијагнозата може да дојде терапијата и исцелувањето, ако ти, пациентот ќе дозволиш.
Исус, полн со милост, сака да ти ги прости сите гревови, и да те направи нов човек. Тој ти го ветува тоа, и тоа што Тој го ветува е чистата, искрена, сериозна Божја вистина и љубов.