Празникот – напразно – трагично?

Една самокритична анализа.

Тој/таа: „ Христос воскресе!“ – Ти: „навистина воскресе!“

Еве кажа што треба да се каже на празникот – Велигден. Најважно е секогаш да се каже што треба да се каже, зар не? На празникот Велигден треба да кажам едно, на празникот Божиќ треба да кажам друго, на некој трет, четврт празник нешто трето, четврто… Важно кажавме.

На празникот кажуваме работи кои реално гледано воопшто не ни се важни на ниеден друг ден во годината.
Дали некогаш си се разбудил на 23-ти јули или на 9-ти ноември и си помислил: „Христос воскресе од мртвите – колку сум радосен – фала Му на Бог“?

Првото прашање би требало да биде: „Дали е тоа вистина – факт – вистинска случка?“ Зошто би кажувал нешто што не е вистина?
Па потоа треба да се запрашам: „Која врска има тоа со мене? Дали јас тоа навистина го верувам и знам зошто го верувам? Дали она што го кажувам има суштинско значење за мојот живот?“ Ако не – напразно го кажувам тоа што кажувам.

Самиот Исус Христос ги осудува таквите напразни кажувања: 
“Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене. Но напразно Ми се поклонуваат, учејќи науки, што се човечки заповеди.” Ев. според Матеј 15,8-9

Трагично – наместо вистинското, од Бог даденото, кое е за твое добро и спасение, се занимаваш со човечки измислици и заповеди, бајки и прикаски. Тоа е напразно – или полошо – разорно за тебе. Може да ти се случи да се лажеш самиот себе со тоа дека си религиозно активен, се сметаш за верник во Бог, во Христос, додека во суштина ниту Го слушаш ниту Му веруваш. Напразно – трагично.

Кога кажуваш „Христос воскресе“ – што во суштина кажуваш? Еве што кажуваше Апостолот Павле пред насобраните филозофи и градска управа во Атина (50.год. по.Хр.):
„… Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде, зашто определил ден, кога ќе му суди праведно на целиот свет – преку Човекот Кого Го определил за тоа; давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите.

Со други зборови – Исус Христос е Судијата Кој ќе му суди на целиот свет. Исус Христос ќе ти биде Судија – Тој ќе ти суди и тебе.
Како знаеме? Бог Го воскресна од мртвите. Воскресението од мртвите е доказ дека Судијата на светот е Исус Христос, а никој друг.

Кога наредниот пат ќе кажеш „Христос воскресе – навистина воскресе“ – дали знаеш што кажуваш?
Можеби всушност би бил среќен ако Судијата би бил мртов засекогаш. Тогаш би немало судење, не би морал да одговараш за твоите гревови. Но Бог создаде непроменливи факти: Судијата е жив – Христос навистина воскресе – и судењето е веќе определено и веќе постои термин за твоето јавување пред Него.
Напразното кажување ќе заврши трагично.

Но, не мора да биде така.
Пред да воскресна од мртвите, Христос умре. Зошто умре?
„Христос умре за  нашите гревови…“  вели истиот Апостол Павле. (1.Коринтјаните 15)
Што? Христос е Судијата, а Самиот Судија умре за нашите гревови? Судијата умре за гревовите на обвинетите? Дали може да е тоа вистина? Самиот Судија умре за – твоите гревови?
Каде има судија кој ќе умре за криминалецот, кој ќе ја земе казната на криминалецот врз себе? Еве тука:
„Христос умре еднаш за гревовите, Праведниот за (нас) неправедните“ – вели Апостолот Петар. (1.Петрово 3,18)

„Умре за гревовите“ значи дека смртната казна која ја заслужува сторителот на гревовите, е спроведена врз друг – Исус Праведниот умре – и со тоа таа казна е наполно извршена еднаш засекогаш. Со тоа Бог може да ти ги прости гревовите за кои еднаш за секогаш Исус беше казнет поради тебе и наместо тебе.
Бог и тука создаде непроменливи факти. Добра вест за човекот кој сфатил дека е грешник пред Бог. Немој сега да гледаш лево десно за да најдеш грешник полош од тебе. Гледај во огледалото.

„Христос умре за моите гревови! – Навистина умре за моите гревови!“
Ако во огледалото го имаш видено главниот грешник во твојот живот, и си се соочил искрено со тој факт, тогаш ова ќе те радува, не само на дадениот празник, туку секој ден. Тоа ќе биде темелот на целото твое живеење, темелот на твојот личен однос со Бог.

Јас, грешникот, се радувам за тоа.
Му верувам на Бог, и им верувам на Апостолите на Исус Христос.
Им верувам на зборовите на Исус Христос. Тој бил осуден за моите гревови, и ја понел казната за нив во целост, за да може да ми биде Спасител, а не Судија.
Му верувам на Господ Исус Христос кога вели:
„Вистина вистина, ви велам: Кој го слуша мојот збор, и Му верува на Оној Кој ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во животот“   Евангелие според Јован 5,24.

Му верувам на Апостолот Павле кога вели
„… веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, нашиот Господ. Кој беше предаден за нашите гревови и беше воскреснат за наше оправдание (потполно простување на нашите гревови). Римјаните 5,24-25

Во таа смисла, ти посакувам да можеш со целосно убедување и со голема радост – и тоа секој ден од годината – да кажуваш и да веруваш со сѐ срце:
„Христос умре за моите гревови – навистина умре за моите гревови“!
„Христос воскресе – и со тоа знам дека ми е простено – навистина воскресе“!

Инаку – напразно – трагично.