Беше тоа вистинската светлина која го осветлува секој човек кој доаѓа во светот.
Јован 1,9
„Ти можеш тоа да го знаеш!“
„Што можам да знам?“
Она што е очигледно за секој човек кој доаѓа во овој свет.
А што е тоа?
Тоа е фактот дека светот сосе тебе е создаден од Бог. Вистината дека постои Создателот зрачи од секое Негово дело.
Дали ги гледаш Неговите дела?
Знам, ако си современ човек, тогаш го поминуваш најголемиот дел од времето во кое не спиеш залепен до некој екран. Знам дека како залепен до екран, ти во главно не ги гледаш чудесните дела Божји. Не се осветлуваш со разбирањето дека Тој мора да постои, дека Тој е реален. Напротив тониш во некој од човекот измислен свет на приказни, серии, клипчиња во милионите канали на големата мрежа.
Но понекогаш ќе огладнеш и ќе мораш да се откиниш од екранот и мораш да јадиш нешто, и еве ја светлината зрачи од доматите кои ги јадиш, од сирењето и од лебот. Дали знаеш како настанаа тие? Колку екстремно сложени и точно програмирани процеси се случуваат за ти да можеш да имаш еден јабучар или едно волово срце (вид на домат) на твојата чинија? Ако сакаш навистина да гледаш, Бог те осветлува дури и преку доматите и пиперките, за кромидот да не зборуваме.
Германскиот еволуциски биолог, Проф. Др. Сигфрид Шерер, раскажува како тој како атеистички студент на билогија доживеал силно откровение на Бог: кога сецирал една обична жаба. Гледајќи ги органите и крвните садови низ микроскопот, наеднаш го фатил силниот впечаток: „она што го гледаш тука не е само од овој свет!“ Таа мисла била за него првото осветлување, почетниот чекор на еден пат до лично запознавање со Создателот, Кој се јави на овој свет под името Исус од Назарет.
Шерер и по долгогодишна научна кариера тврди: „Ако ти гледаш нешто во природата, некое живо суштество, и се чудиш на него и си велиш „ охохохоо! Ова е генијално, прекрасно“ – тогаш да знаеш дека Бог ти се има објавено.“ Светлината те има осветлено. Само ти како реагираш на тоа, дали ќе ѝ дозволиш на таа светлина да те води кон изворот, кај Самиот Тој кој Ти е Создател, и Кој сака да ти стане Спасител, Водач, Советник, Живот, таа одлука останува на тебе, најважната, најсуштинската одлука на твојот живот, со вечни последици. Нема да можеш да се вадиш од последиците со изговорот дека не си знаел.