Вонземјаните се чудат

Тој беше во светот и светот стана преку Него, но светот не Го позна. Дојде при своите, но Неговите не Го примија.

Јован 1,10+11

Пази, фикција! – Делумно.

Вселенскиот брод се пушта врз површината на планетата земја. Вонземјаните излегуваат и почнуваат да ја истражуваат околината. Пополека се собираат околу нив неколку зачудени и љубопитни „земјани“.

Со помош на некој хајтек уред за преведување се развива дијалог со посетителите. Наскоро разговорот се врти кон достигнувањата на двете цивилизации, и што е посебното на соодветните планети и нивните жители. Гостите во сите области се далеку понапредни од земјаните, дали е тоа во технологијата, дали е тоа во медицината, дали се тоа нивните индивидуални способности.

Земјаните очајно си ги кршат главите барајќи барем едно нешто во кое тие би се истакнале во споредба со гостите. На крај на еден му доаѓа спасителната идеја, па тој вели: „Тука, на нашата планета живееше Бог Создателот, и тоа 33 години“. Вонземјаните не знаат дали имаат разбрано правилно. „Што само што рече? Те молиме, повтори!“ Земјанинот со малку испакнати гради одговара: „Добро ме разбравте. Да, да, на оваа нашата планета Земја се роди Бог, Создателот на вселената, како човек – Тој стана еден од нас – а не од вас, и Тој живееше тука помеѓу нас на Земјата и тоа цели 33 години.“

Вонземјаните делуваат шокирани, длабоко трогнати. „Бог, нашиот Создател, ние Го бараме насекаде, низ целата вселена, до каде можеме да стигнеме. Насекаде ги наоѓаме Неговите дела, но Него лично не можевме да Го најдеме, а вие ни велите дека Тој бил тука помеѓу вас, и дека лично ви зборувал и поминал толку време помеѓу вас? Па то е прекрасно, тоа е најголемо нешто што постои, тоа би значело конечно да сознаеме зошто постоиме, тоа би значело крајот на нашите очајни талкања низ вселената. Кажете ни, каде е Тој, каде можеме да се видиме со Него?“ „Не е веќе тука“ вели земјанецот. „Не е веќе тука? – вонземјаните се растревожени – што се случи?“ Сега земјанинот делува трогнат, непријатно трогнат од нешто страшно што тој за прв пат го сфаќа баш во тој момент. „Ние – “ вели тој, и гласот му е тивок и рапав, а неговиот поглед скита лево десно како да бара помош од луѓето околу него – „ние Го убивме“.