Во Него беше живот и животот беше светлината на луѓето. И светлината свети во темнината и темнината не ја прифати. Евангелие според Јован 1,4+5
Пред години една вечер се вратив од Скопје во Битола, и пред преминот Плетвар начекав една кола застаната на темниот пат. Светлата не работеа. Возачот ме замоли да возам пред него до Прилеп, па тој да се „прилепи“ на мене за да може да стигне дома. Во ред. Јас возев напред и тој се залепи до мене и ме следеше. Тој ме прифати мене како светлина и низ сите кривини и опасни места јас, односно задните светла на мојот Голф, му беа светлина на тој темен пат преку Плетвар до Прилеп. После ми рече дека сум возел малку брзо, но, „алал да му е“, не се откачи од мене, остана залепен до мене, па стигна. Тоа што правеше тој – во мракот заглавен Прилепчанец – покажува што значи да прифатиш некого како твоја светлина.
Во овој стих од Јован читаме за светлина која не била прифатена. Кога си на темно место тоа може да заврши трагично. Читаме дека Зборот, Создателот, Исус Христос, се јави на овој свет, помеѓу нас, и сега не се зборува за Него како за Создател, туку за Него како Светлина додека живееше помеѓу нас.
Овој свет е темно место. Живееме под темната сенка на смртта, на болести, на омраза, на војни и на човечката расипаност и злоба, на безнадежност и бесмисленост. На школо човечката историја во главно се поучува преку датумите на долг ред од војни, битки, освојувања и истребувања, во кои загинаа или паднаа во мизерија милиони луѓе.
Темнината за која тука станува збор опишува морална состојба, одсуството на вистина и добрина. Таа темнина е присутна не само околу нас, туку и во нас. Ние самите сме дел од темнината, ние самите сме потемнети и соодветно на тоа се однесуваме еден кон друг. Себичноста, злоупотребувањето, понижувањето, навредувањето, лажењето се дел од најнормалниот секојдневен живот. „Брак – мрак“ од каде дојде оваа изјава? Навистина ни е стемнето едни од други.
Но најопасниот аспект на темнината, одсуството на вистина и добрина, се однесува на нашето размислување во однос на Бог. Погрешните информации за тоа каков е Бог и каков е патот кон Него, поробуваат милијарди луѓе во религии и религиозни сфаќања и активности кои не им даваат ниту мир, ниту надеж, ниту смисла, ниту ги носат кај Бог. Незнањето односно погрешното сфаќање во однос на Бог се дел од системот на темнината кој ги поробува жителите на планетата во оттуѓеност и оддалеченост од Создателот.
Но еднаш во темната историја на човештвото се јави една личност која беше сосема поинаква. Постапките, ставовите, зборовите, однесувањето на Исус Христос се разликуваа драстично од оние на луѓето околу Него. Тој беше како многу јако светло во нашиот мрак. Во Него беше Божјиот живот, и тој живот се покажуваше како посилен од сите природни и духовни сили кои ги загрозуваат луѓето. Исус исцелуваше од болести, изгонуваше зли духови, управуваше со природните сили. Тој беше толку жив, толку живо живееше, покажуваше толкава сила за добро, за враќање на животот, што тоа го видоа луѓето и поради тоа масовно дојдоа кај Него – привремено – само за да го напуштат по кратко време и повторно да си го живеат својот темен и тажен живот. Како Светлината никогаш да не била помеѓу нив.
Тоа е трагедијата која Јован ја споменува тука. Светлината свети во темнината и темнината не ја прифати. Исус ги повикуваше изгубените луѓе навистина и трајно да се прилепат до Него и да го следат, за да ја имаат светлината која дава живот. „Јас – Светлината – дојдов во светот, та ниеден кој верува во мене да не остане во темнина.“ „Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината за да бидете синови на Светлината.“ Еве тука Исус ни кажува која реакција Тој очекуваше од луѓето заглавени во темнината: Вистинска доверба во Него, трајно доживотно прилепување до Него – како оној Прилепчанец – и со тоа, нешто суштинско ќе се случеше во нив, некоја длабока подробна промена внатре во нив: од темнина ќе станеа синови на Светлината. Но, трагично, повеќето современици на Исус беа задоволни со тоа само кратко време по малку да уживаат во присуството на таа Светлина, па потоа да ја напуштат. Како ќе биде тоа кај тебе?